Отаде вчера

Антрополошко патување на Балканот

следејки ги стапките на браќата Манаки од 1900 година

Проект визуелна антропологија од Каталин Д. Константин

Јас сум антрополог и антропологијата програмски ја привилегира директната средба со теренот, често дури и на штета на библиотечното или архивското проучување. Најголем дел од моите постојани теренски истражувања се спроведуваат, повеќе од една деценија, на Балканот, во старите населби на ароманските овчари, распространети денес главно во Грција и Албанија, но и во Република Северна Македонија, Романија и, во помала мера, во Бугарија. Ме придружуваше, речиси секогаш, мојот колега и добар пријател од Њујорк, Дан Бора, со кого се среќавам еднаш или двапати годишно во Атина или Солун, за да одиме оттаму во изолираните села на врвовите на планината Пинд. Исто така и мојата братучетка, Кармен Доброта, на која и сум благодарен за многубројите патувања направени заедно и која со текот на времето беше куратор на неколку мои визуелни антрополошки изложби.

Во 2017 година, за време на архивско истражување во Националниот музеј на романскиот селанец во Букурешт, открив дека малку од фотографиите со ароманските локалитети од Фондот Манаки, еден од најважните архиви со стари слики сочувани во Романија, се локализирани, односно многу од нив имаат краток опис во регистарот, направен во духот на почетокот 20 век, од типот „Романска комуна од Балканот“. Денес, антрополозите имаат должност да бидат многу попрецизни. Некои ги идентификував веднаш, како резултат на претходни теренски истражувања, како што беше случајот со фотографијата од загорското село Илиохори / Добриново, каде што илјадагодишниот чинар на плоштадот на населбата, меѓу најстарите во Грција, веднаш беше непогрешлив визуелен показател. За другите фотографии, приказната е малку авантуристичка, вклучуваше нова серија теренски истражувања, настани и средби обележани со интересни коинциденции во балканските земји. Исто така, тогаш се појави идејата да ги рекреирам во денешно време фотографиите од 1900 година, со ист кадар како браќата Манаки.

Јанаки и Милтон Манаки

Браќата Јанаки и Милтон Манаки се родени во семејство на аромански овчари, во втората половина на 19 век, во Авдела, село издигнато на височините на планинскиот масив Пинд, тогаш сè уште во Отоманската империја, денес во Грција. Историјата ќе ги памети како автори на голем број фотографии од особено документарно значење и како први филмски работници што снимиле филм на територијата на Отоманската империја и на Балканот, само една деценија откако браќата Лумиер го направиле првиот филм во историјата на човештвото. Двајцата учат во романското училиште во нивното родно село, потоа во романското средно училиште во Јанина, а нивните патишта ќе се разликуваат од оние на нивните предци, сопственици на големи стада овци. Наместо тоа, тие ќе станат „трансхумативни“ низ Балканот, за да изработат фотографии во еден крајно комплициран период од политички и историски аспект, кој значи конечен колапс на Отоманската империја, Балканските војни, проследени со исцртување на националните граници. Тие ќе отворат фотографска работилница во Јанина, која потоа ќе ја преселат во Монастир – денешна Битола во Република Северна Македонија, тогаш главен град на истоимената отоманска провинција и втор по големина град во регионот, по Солун. Јанаки и Милтон ќе патуваат низ селата, некои многу тешко достапни, но и низ градовите и панаѓурите во провинцијата, за да направат фотографии по нарачка. Со голема, тешка камера и кревки стаклени плочи. Тоа била професија работена со страст и многу талент, но пред се била начин да се заработи за живот.

Повеќето од фотографиите што се чуваат во архивата на Националниот музеј на романскиот селанец се портрети на обични луѓе од тој период, облечени во традиционални носии или во „германска“ облека. Модерното и архаичното, современи повеќе од кога било во таа рана ера на модернизација на Балканот, се забележуваат на нивните фотографии. Бев изненаден кога открив дека не станува збор за различни светови, кои живееле истовремено, но кои ретко доаѓале во контакт, како што бев во искушение да верувам и како што го презентираат повеќето историчари заинтересирани за тој период. Се работеше за нешто друго: светови кои се преклопуваат. Патувајќи низ селата на Пинд, забележав дека понекогаш на фотографиите се појавуваат исти луѓе, во зависност од контекстот, понекогаш како овчари, во традиционална облека, понекогаш во „добра“ градска облека, господа и дами усогласени со европската мода и луксуз, иако живееле во села навидум отсечени од светот. На портретите се додаваат фотографии од семејни настани, свадби или погреби, прослави на големи верски празници, но и некои политички настани, како што е посетата на султанот во Битола, која станува тема за филм за двајцата браќа. Ако фотографиите што се чуваат во Букурешт се главно од етнографски интерес, илјадниците стаклени плочи што се чуваат во архивата во Битола откриваат извонреден калеидоскоп на балканскиот живот на почетокот на 20 век, честопати прикажувајќи го баналното секојдневие од тоа време, кое  сега, со изминувањето на времето, станува зачудувачко во своето богатство, интензитет и разлика во споредба со сегашноста. Многу од сцените фотографирани од браќата се пренесени со совршена уметничка смисла, со многу посебна префинетост на кадрирање и доловување на моментот, што го восхитува антропологот кој денес продира во архивите.

Во 1906 година, Јанаки и Милтон Манаки се поканети во Букурешт, на Романската Општа Изложба, на која ја добиле титулата фотографи на Кралскиот двор на Романија. Во оваа прилика, бил набавен фонд на фотографии кои претставуваат портрети на Ароманци и населби на ароманците од Пинд за Музејот за национална уметност, предок на денешниот Национален музеј на романскиот селанец, основан токму тогаш од Цигара Самуркаш. Тоа се фотографиите по кој тргнав со мојот американски колега во летото 2017 година.

Гледајќи наназад, посетите на браќата Манаки  во Букурешт се пресврт во нивните кариери. Од тој момент нивната активност почнува да станува длабоко значајна за визуелната историја на Балканот. Во Букурешт, браќата Манаки за првпат присуствуваат на филмска проекција и на тој начин дознаваат детали за кинематографската техника на браќата Лумиер. Тие се вчудоневидени, па Јанаки оди во Лондон да купи камера за снимање. Тоа е камерата Bioscope број 300 во светот.

Во време кога главно се снимале нови технолошки достигнувања, облакодери и прекуокеански бродови, двајцата браќа се качуваат во своето планинско село и околу 1906 или 1907 година (годината е неизвесна) снимаат етнографски документарец. Се разбира, без глас, не трае ни минута, бидејќи тоа биле тогашните технички стандарди. Преку овој филм тие несвесно постигнуваат троен светски рекорд. Тоа е првиот филм некогаш снимен во сѐ уште огромната Отоманска империја, како и првиот етнографски документарен филм на Балканот. Всушност, прв документарец од секаков вид од Балканот. Темата? Традиционалната обработка на волна. Се снимаат групи жени во народни носии. Меѓу нив, точно во центарот, неколку секунди во преден план, Деспина, бабата на браќата, која имала 114 години, според подоцнежното сведочење на Милтон. Колку и да изгледа напредна, нејзината возраст не била и не е невообичаена меѓу Власите од Пинд. Со други зборови, баба Деспина е родена во 18 век  (1792?! 1793?), во времето на Али Паша, кога Наполеон само што почнувал да станува Наполеон. Неверојатна возраст за човек кој денес можеме да го видиме во движење, на филм. Уште еден рекорд за која двајцата браќа не знаеле кога снимале дома, во нивното планинско село, непознато за Европа, непознато никому. Не папата Лав XIII, роден во 1810 година, ниту Ребека Кларк, родена во 1804 година во Британија и снимена со камера Кинора во 1912 година, се „најстарите“ луѓе што некогаш биле снимени, како што забележува официјалната историја на кинематографијата, туку маја (баба на аромански) Деспа од Авдела, бабата на Милтон и Јанаки Манаки. Не некој познат човек, од Западна Европа, моторот на технологијата и „цивилизацијата“, туку старица од планината Пинд, од едно изолирано село на отоманскиот Балкан за чие постоење Европа едвај осознала на почетокот на 20 век, од Балканот кој вриел и за кое западните весници известувале со ужас и фасцинација во исто време поради Балканските војни. Навистина, и возраста на бабата (под нејзината фотографија, другиот брат, Јанаки, забележува дека Деспина имала 102 години), и датумот на филмот се спорни, но изведбата останува валидна, надвор од секое прецизно датирање.

Деспина

За тоа колку била комплицирана судбината на Балканот во тоа време говорат мапите во прилог. Тоа се етнички карти на османлиската провинција Македонија. На југ, иако не се појавува на мапата, бидејќи воопшто не било важно, е Авдела, селото на браќата Манаки, а малку посеверно, градот Монастир, познат како град на конзулите, кој овојпат е означен на мапата, каде што браќата имале свое фотографско студио и каде ќе отворат и кино кое брзо станало многу популарно во целата провинција. Авдела наскоро ќе стане дел од Грција. Монастир наскоро ќе се именува Битола, бидејќи ќе стане дел од Кралството Југославија. И ова е резултат на страшни историски тензии. Мапите прикажуваат тешко разбирлива етничка мешавина, каде што е невозможно да се исцртаат прецизни граници, како што сакаше тогашната идеологија. Од името на провинцијата Македонија доаѓа францускиот збор за еден вид салата, macédoine, доказ дека Французите, толку познати по својата учтивост, не биле секогаш такви во историјата. Но, на мапите, по назив, се прикажани и територијалните спорови од тоа време. Едната карта е со назив  point de vue bulgare, другата point de vue serbe. Во историскиот, политичкиот и картографскиот дискурс на Европа се појавува ново етничко име, македонски словени, наречени дотогаш Бугари. Територијата беше подеднакво побарувана од Србија и Бугарија. Поголемиот дел од неа, од страна на Грција, по доблест на историјата која славно се спушта во најстарата Антика. Мапата на етничко населување послужи како аргумент и принцип на поделба во ерата кога нациите, по вековното отоманско владеење, сакаа независност и што е можно повеќе територија. Иако ниедна мапа од периодот не поддржува јасни етнички разграничувања, и во секој случај, сите или речиси сите ја преувеличуваат пропорцијата на еден од етникумите на штета на другите, визуелно раскажувајќи ја историјата и географијата според политичките и територијалните интереси. Во тоа време, се дојде до апсолутно бизарна ситуација во која еден дел од истото семејство ја декларирало својата припадност на една етничка припадност, а друг дел од истото семејство на друга етничка припадност.

На прв поглед, ништо од овој судир на политички и територијални интереси не може да се види во лицата на обичните луѓе и во етнографските сцени на фотографиите од фондот Манаки во Националниот музеј на романскиот селанец.

Со антрополошко око, внимателно на детали, целата ера се чита совршено, со сите нејзини превирања, а позадината на сликата на Манаки е индиректна, но совршена фреска на тензиите од почетокот на 20 век на Балканот. Извонредна работа, тешко е да се разбере денес тоа што Милтон и Јанаки прават портрети без оглед на етничката припадност, во време кога националните конфликти биле во полн ек.

Инаку, браќата ќе ги фотографираат султанот, цариградскиот патријарх, кралското семејство на Романија, ќе имаат можност да го овековечат и портретот на грчкиот крал и оној на кралот на Југославија. Милтон добива шанса да го фотографира и Тито, кога тој не бил водач на социјалистичка Југославија, што е добро за неговата подоцнежна судбина.

Ароманците, исто така, се зафатени со тензичните идентитетски игри од тоа време. Силен конфликт ја дели заедницата. Еден дел од Ароманците, веројатно најголемиот, се определиле за грчки национален идентитет, борејќи се со целосна убеденост за Грција. Друг дел, врз основа на говорот, за романскиот идентитет и, во контекст на промените на границите од тогаш, достамина одлучија да го напуштат своето место на потекло и да дојдат во тогашната романска Јужна Добруџа (Cadrilater), којa ќе премине во Бугарија во 1940 година, што ќе генерира нови и тажни промени на населението. Можеби, сакам да верувам дека повеќето од луѓето продолжиле со своите животи, продолжувајќи ги традициите и иновациите во духот на времето, без да си поставуваат такви идентитетски прашања. Денес во Грција многу се зборува за браќата Манаки, како пионери на балканската кинематографија, многу се зборува во Северна Македонија и само многу малку во Романија. Секоја од овие балкански земји тврди дека двајцата браќа се нивни со право. Во наше време, овој говор повеќе не треба да биде важен. Браќата Манаки едноставно припаѓаат на балканската историја. А Ароманците отсекогаш и биле верни на земјата во која живееле.

Самиот живот на браќата зборува за судбината на Балканот. По 1935 година ќе се разделат. Јанаки ќе почине во Солун, Грција, во 1954 година, сиромашен и уништен од прераната смрт на неговиот син. Од 1935 година до неговата смрт, речиси две децении, Јанаки немал можност повторно да го види својот брат, бидејќи Милтон останал во Битола, во Југославија, која станала социјалистичка од 1943 година. Границите се цврсти, непроодни, и тоа таму каде што до неодамна, со векови, движењето било природен ритам на животот на луѓето, без разлика на етничката и верската припадност. Милтон ќе добие национално признание во Југославија, бидејќи, меѓу другото, случајно ги овековечил, во одреден момент, младешките портрети на некои југословенски комунисти, меѓу кои, како што реков, Тито. Неговата архива ќе ја купи југословенската држава, ќе биде интервјуиран, а за време на неговиот живот ќе му биде посветен документарен филм направен во Загреб. Починува во 1964 година, а од 1979 година (година кога сум роден и јас…) секоја година во Битола се одржува меѓународен фестивал на документарен филм, насловен Камера 300, кој е еден од најдолгогодишните фестивали на документарни филмови во Европа. Уметничкиот филм на грчкиот режисер Тео Ангелопулос To vlemma tou Odyssea / Погледот на Улис (1995), ремек-дело што на извонреден и меланхоличен уметнички јазик зборува за тажната судбина на фрагментацијата на Балканот, во држави со затворени граници и за страшната трагедија на искоренувањето, започнува од секвенците со маја Деспа (баба Деспина) снимени од двајцата браќа во Авдела. Ангелопулос го гради патувањето на еден современ лик низ Балканот по 1990 година, кога границите повторно се отвораат по децении, во потрага по хипотетички изгубен филм на браќата Манаки. Всушност, во потрага по сопствениот изгубен идентитет.

Ова дигресија со приказната на браќата беше неопходна за да се разбере, барем, контекстот на моето истражување од визуелната антропологија. Од околу 200 фотографии во Архивата на слики во Музејот на романскиот селанец, важен дел ги претставуваат ароманските населби. Панорамски фотографии, направени од далечина, на села, со нивната апсолутно специфична архитектура, некои малку познати, други легендарни за Ароманците, како Самарина, највисоката населба во Грција и на Балканот, или Москополе, планински град, втор најнаселен на Балканот, во 18 век, по Стамбол, кога постоеле печатници, библиотеки и десетици цркви. Москополе денес е во Албанија и е сведено на статус на многу мала историска населба, запалена на крајот на 18 век од Али-Паша поради својата слава и потенцијалната опасност од бунт што ја претставувал за османлиската власт на Балканот.

Со еден исклучок, сите овие фотографии кои прикажуваат населени места го дишат мирот на изолацијата во природата, во близина на планински врвови, меѓу шуми, многу далеку од главните трговски патишта што го минуваа полуостровот. Освен нивната тишина, во окото на антропологот се чита, во позадина, вревата на ерата, конфликтите и борбата за идентитетот на тогашните Ароманци, проследено со нивното заминување од овие села и планински градови на други места, проследено со нивната поделба меѓу непријателските земји и неможноста да се практикува трансхумација на патиштата кои ненадејно биле отсечени од границите. Од локалитетите прикажани на фотографиите на браќата Манаки репродуцирани на следните страници, повеќето се во денешна Грција, четири се во Република Северна Македонија и само еден е во Албанија. Кога ги купил од двајцата браќа за Националниот музеј на уметноста, Цигара Самуркаш ги запишала имињата на населбите на некои од фотографиите. Повеќето од нив, сепак, немаат име, туку само нејасна назнака, направена во националниот дух на епохата, „Романска комуна на Балканот“.

Во август 2017 година, токму на денот кога требаше да заминам со мојот американски колега за Грција, за уште една епизода од нашето теренско истражување, застанав во музејот за да му ги покажам нему (штотуку пристигнат во Букурешт) оригиналите на овие фотографии. Потоа заедно забележавме дека на каталозите на музејот им недостасува точната локација на многу фотографии. Веднаш препознавме некои од населбите, застанавме таму многу пати во нашите претходни истражувања. Лесно можеше да се препознае Илохори (Добриново, на аромански) – на својот плоштад го чува можеби најстариот чинар во Грција, стар над 1000 години, иако денес населбата, некогаш просперитетна и многу населена, воопшто не изгледа исто, бидејќи била брутално запалена од германските трупи кои се повлекувале за време на Втората светска војна. Подеднакво лесно препознатливи беа Каларитес / Călarli и Сирако / Siracu, со нивната камена архитектура, непроменета до денес. Таму поминав цели недели пишувајќи едно од поглавјата од мојата докторска теза по архитектура. Нашите забелешки веднаш беа вметнати во записите на музејот, а координаторката на архивата, Симина Бадица, во објава на страницата на музејот напиша дека најдобар ден за кустосот на архивите е денот кога ќе научи нови работи од другите за стаклените плочи во сопствената архива.  Фотографијата во прилог е „украдена“ од Симина, додека јас и мојот колега за истражување разговаравме за овие села, ги нарекувавме по име, сеќавајќи се на Ароманците и на приказните од тие места. Но, некои од фотографиите беа мистерија и за нас. Потоа, на лице место решивме да ја смениме првично планираната рута низ Грција за да ги идентификуваме сите фотографии, обидувајќи се да ги пресоздадеме, со истиот кадар, повеќе од сто години подоцна, сите слики од ароманските села на браќата Манаки.

За два дена бевме во Северна Македонија. Фотографијата на градот Крушево (Cruşuva, на аромански) ја носеше рачно напишаната белешка на Самуркаш: Комуна Cruşuva изгорена од Турците за време на бугарската револуција од 1903 година, 15 август. Се беше за да го идентификуваме точно местото каде браќата ја фотографирале населбата. Крушево не е комуна, туку гратче, највисок на Балканот, место каде што се засолниле некои од Ароманците од Москополе по уништувањето на градот, што го споменав претходно. Со текот на времето им се придружиле и Мијаците, население од словенски Македонци, многу интересни од антрополошки аспект, православни Албанци, словенизирани со текот на времето, Грци и Македонци Словени од околината. Во 19 век Крушево станало важен трговски центар. Власите одовде одржувале трговски врски со Виена и Будимпешта или со други големи градови во Централна Европа. Ова довело до просперитет. Просперитетот довел до брза модернизација и европеизација, а богатството на градот во тоа време може да се препознае во шармантната и сега руинирана архитектура на куќите, мешавина на отомански стил со венецијански елементи и централноевропски архитектонски детали, кои би можеле да ги наречеме „балкански стил“. Во 1903 година, на денот на Свети Илија, жителите на Крушево се побуниле против османлиската власт. Затоа востанието се нарекува, во историските книги, Илинденско. Водач на бунтот е Питу Гули, Ароманец. Се прогласува република и се пишува манифест, наречен од историчарите Крушевски манифест. Тоа е повик до сите народи во Македонија, без разлика на вера и етничка припадност, да се борат против Османлиите. Мора да признаеме дека идејата за мултинационална и мултиконфесионална република е неверојатно модерна за почетокот на 20 век на Балканот. Турските власти првично го игнорираа востанието, сметајќи го градот премногу мал и изолиран за да заслужи внимание. Потоа се плашат и насочуваат вооружена сила кон градот несразмерно голема во однос на бројот на жители. А Крушево неочекувано долго се спротивставува на оваа турска вооружена сила. 10 дена, во кои жителите восхитувачки се организирале за да донесат одлуки: формираа градски совет составен од 60 членови (20 Ароманци, 20 Македонци, 20 Грци, за сите етникуми во градот да бидат подеднакво застапени), ги топат црковните ѕвона за да направат оружје и импровизираа фабрика за муниција.

Браќата Манаки пристигнуваат два дена откако Турците го уништуваат градот и ја прават фотографијата што стигна до нас. Со оваа фотографија в рака, тргнавме пеш низ Крушево во август 2017 година за точно да го идентификуваме местото каде што е направена. Брзо го најдовме, но самата позиција ни изгледаше приближна. Аголот што го добивав за денешната слика беше или пренизок или превисок во споредба со старата фотографија, во зависност од улицата на која бевме. Брзо сфатив дека фотографијата всушност е направена од позиција меѓу двете улици, каде што денес има куќа. Еден век историја менува многу. Секако, ја искористивме обезбедената опрема, поточно дронот, за да ја направиме фотографијата од над имотот. Сопствениците, нормално, веднаш се појавија исплашени и не искараа, но ние набрзина преминавме на убави зборови и така завршивме онаму каде што сака секој антрополог да стигне, односно внатре во куќата, на кафе и особено на приказни, во дневната соба на Васко и Љубица, опкружена со деца и внуци. И покрај имињата кои звучат словенски, домаќините беа Ароманци. Приказните течеа и историјата на местото доби човечко лице. Нема да го пренесам тоа што го слушнав. Тоа ќе ја најде својата намена, можеби во некоја идна книга.

Споредувајќи ја фотографијата направена во август 2017 година, за време на теренското истражување, со онаа направена во август 1903 година од браќата Манаки, открив дека сè уште постојат релативно малку куќи од тоа време. Туристичките водичи го прикажуваат градот како обновен речиси идентично по уништувањето во 1903 година, но визуелната споредба на сликите ме доведе до поинаков заклучок. Закрепнувањето на градот било делумно, сепак далеку од неговиот просперитет во 19 век. Идентично е обновена само ароманската црква. Крушевчани биле големи скулптори на дрво (копаничари), а легендата што ја слушнав во Крушево вели дека мајсторот кој со години работел на иконостасот го завршил само кратко време пред Турците да ја срамнат црквата со земја. Откако дознал за уништувањето, копаничарот полудел и можел да се види до крајот на животот како бесцелно талка низ градот, јава на магаре и изговара бесмислени зборови.

Уште еден детал на оваа фотографија од браќата Манаки доведе до спектакуларно откритие. Констатиравме дека нашите соговорници од Крушево се незадоволни од натписот на Самуркаш под сликата, која зборува за бугарската револуција од 1903 година, иако тоа само многу дискретно ни го посочија. Македонска револуција е, ни рекоа, ние не сме Бугари… Приказната за идентитетите е многу комплицирана и двосмислена на Балканот. До почетокот на 20 век, словенските жители на Северна Македонија, европските патници и историчари ги нарекувале Бугари. Тие самите се нарекувале Бугари, а нивните соседи во денешна западна Бугарија тогаш ги нарекувале не Бугари, туку, најчесто, Шопи. Но, овие имиња во 1900 година го немаат истот значење од денес, тие биле прилично „етнографски“ термини. Идејата за важноста на идентитетите различни од оние засновани на религијата се обликува во контекст на крајот на 19 и почетокот на 20 век, во комплицирани политички и историски времиња. Денес, луѓето во Северна Македонија се многу горди на својот посебен историски и етнички идентитет, за кој, во разговорите со нив, открив дека некои, вклучително и Ароманците од Северна Македонија,  го влечат до Александар Велики. Се разбира, историски Александар Македонски не можел да биде ниту Словен, ниту Влав… Уште покомплицирано е идентитетското ткиво кога тие што ви го објаснуваат ова ќе ви кажат дека се Македонци, а не Бугари, потоа ќе ви кажат дека се Власи и дека Власите се Латини, а не Словени. Што можеш да разбереш?! Доста, затоа што мисијата на антропологот не е да воспостави историски вистини, туку да разбере како се обликува идентитетот на една заедница, со неговите вродени нијанси на неодреденост и контрадикторност, често обележани со имагинарни факти и приказни, на кои луѓето им даваат длабоко значење. Лично, надвор од секоја историска, генетска или антрополошка вистина, секогаш ќе останам на ставот дека секој човек има право да се смета себеси како сака, се додека не го нарушува истото право на својот ближен. За да не генерираме дискусии за национални прашања, кои би ја попречиле нашата комуникација со локалното население, решивме да го исечеме натписот под печатената репродукција на фотографијата на браќата Манаки што ја имавме кај нас. Подоцна сфатив дека, без да планирам ни секунда, фотографијата ја направив не само од истото место, туку и истиот ден, на точно 114 години разлика од браќата Манаки. Дотогаш ја немав земено предвид разликата во календарите, а во тоа време сеуште се користеше Јулијанскиот календар. Дури откако ја пресметавме разликата од 13 дена, го сфативме преклопувањето на временските набори. Фотографијата ја направив точно истиот ден! Еден антрополог тешко верува во знаци и порамнувања на ѕвездите, но случајноста беше поволна за почетокот на патувањето по стапките на фотографиите на браќата Манаки од 1900 година.

Би било премногу да го повторам целиот процес на репродукција на овие фотографии. Некогаш беше едноставно, некогаш комплицирано. Понекогаш беше обична среќа! Во Писодери, во аголот на Грција што се граничи со Албанија и Република Северна Македонија, каде што сè се има променето од фотографијата од 1900 година, само чисто случајно вкрстување на патеките со еден господин роден таму, одамна заминат и накратко застанат на кафе во таверната во неговото родно село, инаку целосно напуштена за време на нашата посета, ни помогна да ја утврдиме локацијата на фотографија од архивата во Букурешт. Неговата куќа беше последна од стариот кадар која остана речиси до денес, бидејќи изгорела три години пред моето застанување таму, а тој ни ја покажа на фотографијата од браќата Манаки, зачувана на таблетот на мојот колега. Бесконечно е потешко да се открие, почнувајќи од стара слика, непознато село, отколку да се пресоздаде, еден век подоцна, фотографија на познатото, веднаш препознатливо место. Одев многу и уживав во истражување на скриените краеви на северна Грција. Приказните изобилуваат, понекогаш дури и поинтересни поради симболични коинциденции од онаа од Крушево. Ги замислував Милтон и Јанаки Манаки како патуваат со нивната огромна камера, на грбот на мазгите, пред еден век или повеќе, по патишта и кривулести патеки кои и денес ми изгледаат тешко минливи. Во декември 2021 година, веднаш по Божиќ, ја завршив серијата репродукции со истото кадрирање на фотографиите на браќата Манаки со слика од Мецово/Аминчиу, најголемата ароманска населба во Грција, место со посебна убавина и поезија, кое ми е многу драго. И мојата фотографија е направена во зима, исто како во оригиналот на браќата Манаки. Современа Грција и должи огромен долг на заедницата на Мецово, а историјата на модерна Грција не може да се разбере без историјата на овој мал аромански град во планините Пинд, само затоа што Политехничкиот факултет во Атина и денес се нарекува Мецовион, а модерната историја на Грција не може да се раскаже без семејството Авероф, по потекло од овде.

За овој проект морав да се консултирам со стари мапи. Самите патишта до овие изолирани населби се многу променети во текот на еден век. Па дури и природниот пејзаж е многу променет. Спротивно од она што го замислував, планините во Грција денес се многу пошумени и подиви отколку на фотографиите на браќата Манаки. Брзо го разбрав објаснувањето: веќе нема големи стада овци кои ги пасат планинските падини, населбите се слабо населени, со само неколку жители. Морав да се консултирам со архиви, бидејќи имињата на населбите најчесто се разликуваат од 1900 година.

Особено ми беше корисна една книга од тој период, неверојатна во пишувањето, The Nomads of the Balkans, an account of life and customs among the Vlachs of Northern Pindus. Станува збор за референтно дело за животот и обичаите на балканските Власи, напишано од двајца англиски археолози, Алан Џеј Би Вејс и Морис С. Томпсон, а првпат објавено во 1914 година. Книгата нуди детален и на лице место опис за тоа како изгледал светот на селата во Пинд на почетокот на 20 век, токму периодот од кој датираат фотографиите на браќата Манаки. Може само да ми биде драго што мојата библиотека има копија од оригиналното издание, бидејќи приказната за книгата е приказна за потребата на двајцата археолози да разберат свет и заедница, суштински состојки на љубопитноста на секој антрополог. Британските археолози, додека ископуваат антички локалитети во близина на Волос, наидуваат на овчари кои зборуваат чуден говор кој делумно го разбираат затоа што, како и секој класичен археолог, знаат латински. Тие со чудење осознаваат од приказните на овчарите за изолираниот свет во планините, кој го сметаат за неверојатен, фасцинантен, за разлика од се што познавале. Така, почнувајќи од 1910 година до 1912 година, непосредно пред избувнувањето на Првата балканска војна, тие без каење ја напуштаат својата прва страст, археологијата на хеленистичкиот свет, да ги проучуваат Власите. Тие ќе го изведат патувањето од Тирнавос до Самарина, заедно со овчарите, пеш, со што ќе вршат avant la lettre, директно и партиципативно антрополошко теренско истражување. Овој вид на истражување, кој го претставува јадрото на антрополошките дисциплини, ќе биде теоретизиран само нешто подоцна од Малиновски, а новитетот на пристапот на двајцата Англичани ме тера да ја сметам нивната книга релевантна не само за историјата на Ароманците, туку и за антропологијата воопшто.

Photo-elicitation (Фото-елицитација), на англиски, е метод што вообичаено го користат визуелните антрополози, кои знаат дека луѓето емоционално реагираат на сликите. Во селата на Пинд, каде што луѓето се длабоко приврзани за нивната првобитна населба, дури и ако сега живеат на друго место и се враќаат таму само накратко во лето, сретнав жители длабоко трогнати да видат слика од нивното село од пред еден век, веројатно првата фотографија некогаш направена од нивната населба. Приказните и историите течеа многу понепречено отколку да застанав таму без да ги имам со мене овие фотографии на браќата Манаки. Морам да признаам, тоа е посебно и емотивно чувство, на временска јамка што е краток спој во текот на протокот, да се биде токму на истото место, еден век подоцна, но ниту чекор подалеку, од реалноста што ја гледаш на фотографија, што ја држиш во рака, во твоја сегашност, поништена од минатото запаметено од фотографијата. . На некои места открив, сочувани во куќи, фотографии идентични на оние што ги имав, иако сопствениците на куќите не ја знаеја нивната старост и потекло. Таков е случајот со оваа слика од Лаиста / Лака, некогаш најголемата населба во планините Загори, која прикажува празник на селскиот плоштад. Она од десната страна доаѓа од архивата на Националниот музеј на романскиот селанец. Онаа од левата страна беше зачувана во Лаиста. И таму доживеав посебна приказна, но нејзиното место е во некоја идна книга. И во септември 2024 година, во архивата во Битола, имав среќа да најдам трета верзија на сликата. Всушност, фрагмент од скршеното стакло. Истата слика, зачувана во три различни земји на Балканот денес.

Не ме интересираше едноставното рекреирање со истото кадрирање на фотографии од пред еден век. Ова беше повеќе начин да се влезе во изолираните заедници на Балканот, да се види нивниот начин на живот. Токму затоа, насловот што му го дадов на овој проект за визуелна антропологија во еден момент е „Отаде вчера“.Колку се промени светот на Власите и воопшто колку се промени Балканот во последните сто години? Ова е прашањето што ме засега. Фотографијата се покажа како особено корисна алатка за теренско истражување, пат до заклучоци кои имаат за цел да разберат како малите светови и изолираните заедници се трансформираат со текот на времето под валјакот на историјата. Затоа, иако ја завршив реставрацијата и идентификацијата на локацијата на старите фотографии, мојот теренски проект е далеку од завршен и некогаш, се надевам, ќе се материјализира во книга или документарен филм. Ќе има неколку години во кои, сè уште на лице место, по стапките на браќата Манаки, сакам да откријам приказни за животот од денес во континуитетот или дисконтинуитетот на времето од еден век и две децении поминати од тогаш до сега. За да го разберам, антрополошки, од животни приказни, текот на нашата историја, дома, на Балканот.

Scroll to Top