Одгласите на изгубениот град
За Москополе, Вејс и Томсон забележуваат: „Тамошните трговци имаа подружници во Венеција, Виена и Будим- Пешта. Локално се верува дека градот некогаш имал осум или десет илјади куќи и население од околу шеесет илјади души.
Москополе има многу цркви, од кои повеќето сега стојат изолирани меѓу полињата со сено кои некогаш биле фрекфентни парохии. На падината на ридовите на околу половина час на север се наоѓа москополскиот манастир посветен на Св. Јован Крстител. Манастирската црква е изградена во 1632 година, а поголемиот дел од црквите во градот датираат помеѓу 1700 и 1760 година. Ако градењето цркви е знак на просперитет, тогаш Москополе најмногу се развива помеѓу 1650 и 1750 година. Конечно, суровото владеење на Али-паша го донело неговото целосно пропаѓање, а неговите жители биле раселени низ целиот Балкан.
Денес тоа е мало село, населено делумно со Албанци, а делумно со Власи, од кои некои се вистински староседелци, а други фаршероти. Дури и во деновите на неговиот подем, веројатно постоел значителен фрашеротски елемент помеѓу населението. Географијата на тесалските монаси Даниел и Григориј вели дека имало многу богатство, дванаесет вида занаети, добро и познато училиште, печатница и со еден збор било украсено со сите убавини на еден европски град. Со печатницата управувал монах Григориј кој издавал верски книги, од кои десет се познати“.




















