Каталин Д. Константин патува низ Балканот во текот на неколку години, придружуван од блиски пријатели, за да ги пресоздаде, користејќи ги истите агли и кадрирање, фотографиите направени од браќата Манаки пред повеќе од еден век – фотографии што сега се зачувани во архивите во Букурешт.
Малку пред и по 1900 година, Милтон и Јанаки Манаки доловиле сцени од ароманските села во Епир и Македонија. Тогаш имињата на овие села честопати биле различни, патиштата имале поинаков изглед, а регионот сè уште бил под османлиска власт. Овој визуелен проект е помалку за прецизно лоцирање на оригиналните места, а повеќе за наративите што се развиваат на патот. Приказните произлезени за време на ова патување понекогаш се обоени со навестување на авантура и значајни коинциденции… Колку длабокиот Балкан се промени за еден век?

Каталин Д. Константине уредник на книги и антрополог, предава курсеви по антропологија на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Букурешт и беше продекан на факултетот (2016–2024).
Докторската дисертација, одбранета на Филолошкиот факултет во 2011 година, ја имаше за тема секојдневниот живот во романските градови на почетокот на XX век. Спојувајќи ја страста за фотографијата со љубовта кон пишувањето и патувањето, Каталин Д. Константин во 2014 година одбрани втора докторска дисертација, на Универзитетот за архитектура и урбанизам „Јон Минку“. Тоа беше првпат Универзитетот за архитектура и урбанизам „Јон Минку“ да додели титула доктор по архитектура со највисок степен на лице кое не е архитект по професија.
Има координирано повеќе белетристички едиции и уредил бројни томови со фотографии посветени на романското културно наследство. За книгите што ги уредува, најчесто ја изработува и текстуалната обработка и графичкиот концепт, сметајќи ја оваа комбинација за суштинска. Зборникот Прозорци од Букурешт и нивните приказни (прво издание 2015), координиран од Каталин Д. Константин, беше бестселер и веднаш по појавувањето се искачи на првото место на листата на најпродавани книги во Романија.
Спроведува антрополошки теренски истражувања во влашките населби во планините Пинд и во земјите од Кавказ.
Има реализирано многубројни изложби како автор во Романија, Шпанија, Турција, Бугарија, Азербејџан, Грузија, Полска, Грција, Ирска, Италија, Албанија, Република Северна Македонија, Португалија.