
Каде што нашите патишта случајно се вкрстуваат
Ова фотографија беше најтешко да се препознае од збирката стари фотографии на ароманските села од браќата Манаки, чувани во Букурешт. Обично, контурите на пејзажот или преживеан објект – обично црква – ми даваа индиции за да ми помогнат да го идентификувам селото на фотографиите. Но, во овој случај, обликот на планините не беше видлив – ова беше единствената фотографија од ваков вид – и на сликата беа прикажани само куќи, најверојатно одамна исчезнати.
Некако, интуицијата ме доведе до Писодери, во близина на превојот Вигла, токму областа каде Власите првпат се запишани во историјата во византиските летописи. Меѓутоа, на фотографијата имаше навестување: архитектурата на куќите, која наликуваше на онаа на блиската населба Нимфајо, позната како Невеска на аромански, спој на балканско-отоманската архитектура со европски, венецијански детали.
Едно лето тргнав за Писодери. Некако таму, ништо не беше препознатливо. Значи, можеби сепак не било Писодери… По два часа талкање низ селото и околните ридови, обидувајќи се да најдам слична перспектива, се откажав и отидов во локалната меана. Сопственикот, кој не е оттаму, предложи да почекаме до вечер кога повозрасните селани ќе се соберат на чаша ципуро и да разговараме со нив. Не беше потребно; од блиската маса, еден човек стана, погледна во старата фотографија и рече: „Јас сум роден во таа куќа!“ Тоа беше последната куќа на старото Писодери, која преживеа речиси до денес, но изгоре во 2014 година. Човекот, Космас Руфос, специјалист за вино, поминувал низ неговото село само еднаш годишно на пат за Крф, застанувајќи накратко на кафе. Случајно ни се вкрстија патиштата.
Во Писодери се вратив во март 2025 година за да реализирам подобра кадрираност на фотографијата. Перспективата на оригиналната снимка на браќата Манаки е необична – без трошка небо, како од птичин лет. Како е тоа можно!? На новата фотографија јасно се гледа местото на опожарената куќата, дрвјата се без лисја, а трагите од пожарот сè уште опстојуваат. Но сепак не ја постигнав точната вкадреност. Дури дома разбрав дека, мошне веројатно, оригиналната фотографија била направена од балконот на тогашното импресивното грчко училиште. Така што, во Писодери ќе морам да направам уште едно патување…




















